Безбедност

Димовски: Позицијата на Русија по нападот е зајакната, ова е пресметана употреба на воена сила

24.02.2022 11:28

Професорот на Факултетот за безбедност, Злате Димовски, смета дека рускиот напад врз Украина претставува пресметана употреба на воена сила за да Русија добие подобра позиција. Димовски не очекува проширување на конфликтот...

Дали е можно проширување на конфликтот по рускиот напад врз Украина или сепак ќе победи дипломатијата? Колку и во каков обем ќе се одрази врз регионов и можен ли е поголем бран бегалци од Украина?

Професорот на Факултетот за безбедност, Злате Димовски, смета дека рускиот напад врз Украина претставува пресметана употреба на воена сила за Русија да добие подобра позиција.

„Се случи сценариото кое никој не го посакуваше и кое најмалку го претпоставувавме. Очекувањата на меѓународната заедница беа дека нешто ќе се случи на дипломатски пат и ќе заврши на тоа ниво. Сметам дека ова е пресметана употреба на воена сила за да се добие подорба позиција во понатамошните преговори“, смета професорот Димовски.

Според Димовски, нападот во еден момент треба да прекине, не можеме да знаеме кога, но самата позиција на Русија ќе биде многу појака во смисла признавање на Луганск и Доњецк како автономни републики.

Димовски не очекува проширување на конфликтот и нагласува дека ова е пресметана употреба на воена сила.

„Сигурен сум дека ќе победи дипломатија бидејќи во 21-ви век не постои друг начин да се затвори воен конфликт. Факт е дека тоа ќе трае додека не се постигнат одредени ефекти“, смета професорот Димовски.

Додава дека во оваа ситуација економијата ќе трпи најмногу, бидејќи ќе се продлабочи енергетската криза, а тоа ќе влијае и врз македонската економија и врз граѓаните.

Според Димовски не се очекува бегласки бран кон земјава, затоа што се наоѓаме на сосема различна страна од Украина.