Остра осуда на руската интервенција врз Украина
Амбасадорката Холштајн вели дека сојузниците во вакви моменти треба цврсто да стојат обединети во справувањето со кризата.

Германија остро ја осуди руската интервенција во Украина и побара руските сили да се повлечат. Амбасадорката Холштајн вели дека сојузниците во вакви моменти треба цврсто да стојат обединети во справувањето со кризата.
„За сите нас, ова е еден од најцрните моменти во нашиот живот. Никој не замислуваше дека ова навистина можеше да се случи овде во Европа. Како членка на европската унија, претседавач со Г-7 и НАТО сојузник, стоиме екстремно блиску заедно со сите наши партнери и ќе осигураме да продолжиме да стоиме заедно и да одлучуваме заедно за идните чекори“, изјави Анке Холштајн германската амбасадорка во земјава.
Се соочуваме со нова војна во Европа и на сите демократии треба да ни биде јасно дека мора да бидеме обединети, оценуваат од фондацијата Конрад Аденауер.
„Ако една демократска држава и нејзиниот народ гласа да се приклучи на некој сојуз, тогаш тоа е демократски чин и треба да се почитува. Сите светски држави треба да го почитуваат меѓународното право. Ситуацијата во Украина е прекршување на меѓународното право и е нова војна во Европа. Јас сум од источна Германија и имам спомени од студената војна и како е да се биде на другата страна од железната завеса и не сакам тоа повторно да се случи во Европа“, изјави директорот на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун.
Импликациите ќе бидат многу големи, може да се отвори спорот на Тајван со Кина, во Босна со Република Српска и Косово со Србија, оценува Трошановски од Институтот за демократија.
„Загрижувачка е многу ситуацијата не би додал ништо повеќе освен дека обединетоста на евроатлантските сојузници мора да е на највисоко можно ниво и дека санкциите сами по себе не верувам дека во голема мера дека ќе направат некој ефект, бидејќи во историјата се покажало дека особено автократски режими и режими на големи моќни држави не отстапуваат пред санкции. Така да дипломатијата останува единствено решение, затоа што воен судир е апсолутно е непосакуван од никого“, вели Марко Трошановски претседател на Институтот за демократија.
Аналитичарите оценуваат дека рускиот напад врз Украина е најголемиот безбедносен предизвик со кој се соочил континентот во поновата историја.
Ирина Гелевска
