Украина: Експлозии во повеќе градови, граѓаните бараат засолништа
Украина прогласи воена состојба и ги прекина дипломатските односи со Русија. Граѓаните бараат засолниште и стравуваат за нивните животи. Други, подготвени да се борат откако владата во Киев ги повика сите што можат да држат оружје да ја бранат татковината...
Русија почна воена операција во Украина. Се слушаат експлозии во повеќе градови во земјата, се огласија сирените за опасност. Нападот почна изутрината, откако рускиот претседател Путин во телевизиско обраќање соопшти дека наредил специјална воена операција за демилитаризирација на Украина. Тој предупреди дека каков било обид од други држави за мешање ќе води кон невидени последици.
„Натамошното проширување на НАТО и почетокот на милитаризацијата на Украина е неприфатливо за нас. Не се работи само за НАТО, тоа е само алатка на надвоешната политика на САД. Проблемот е што на нашите околни територии се создава непријателска антируска тензија, на нашите историски територии. Целосно е контролирана однадвор, силно добива воени сили на НАТО и се пумпа со најмодерното оружје. За САД и нивните сојузници тоа е таканаречена политика на задржување на Русија. За нашата земја тоа е прашање на живот и смрт, прашањето за нашата историска иднина како народ. Ова е реална закана не само за нашите интереси, туку и за постоењето на нашата држава, нејзиниот суверенитет. Ова е црвената линија за која многупати зборувавме“, нагласи рускиот претседател Владимир Путин.
Украина прогласи воена состојба и ги прекина дипломатските односи со Русија. Претседателот Зеленски рече дека врз неговата земја се врши целосна инвазија.
„Русија почна инвазија во Украина. Путин почна војна со Украина и со целиот демократски свет. Тој сака да ја уништи нашата држава, сè што изградивме, сè за што живееме. Без паника. Правиме сѐ што е потребно за да ја поддржиме нашата армија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Граѓаните бараат засолниште и стравуваат за нивните животи. Други, подготвени да се борат откако владата во Киев ги повика сите што можат да држат оружје да ја бранат татковината.
„Руската Федерација почна војна во Украина. Одиме во метрото бидејќи е под земја за да си го спасиме животот.“
„Се подготвуваме, за секој случај, чекаме.“
„Нашата влада требаше да се договори. Кој е виновен? Сигурно е дека обичните луѓе не го сакаат ова. Но, тие не можеа да се согласат и сега ние страдаме.“
„Путин објави војна, сега чекаме. Ќе ја одведам мајка ми, а потоа ќе се вратам и ќе чекам. Кога ќе го бомбардираат градот ќе си заминам.“
„Војната веќе почна, тоа е јасно. Чекам. Ако ме повикаат, ќе одам и ќе се борам“- велат жители на Киев.
Објавени се повеќе снимки на коишто се гледаат експлозии, како и снимки од граничниот премин сенкивка помеѓу украина и белорусија на кои се гледа како голем број руски тенкови влегуваат во Украина.
Украина наведе дека се влезени трупи и преку Белорусија, но министерот за надворешни Кулеба наведе дека ќе се бранат и ќе победат. Во меѓувреме, Русија го суспендираше движењето на комерцијалните бродови во Азовското Море.
Марина Ристова
