Џафери: Комисијата за избори и именувања блокирана поради политички калкулации
Комисијата за избори и именувања последен пат заседавала на 7 јуни, а прва точка на Дневениот ред била токму изборот на тројца нови уставни судии.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека има механизам како да ја одблокира работата на Комисијата за избори и именувања врз основа на деловникот. Според него, собраниското мнозинство мора да се рефлектира и во составот на Комисијата.
Посочи дека на пратеникот Фадил Зендели не му е местото во Комисијата за избори и именувања и би било корисно пратеникот да си поднесе оставка како што го направи тоа од местото потпретседател на Собранието откако премина во опозиција. Џафери вели дека ова место веќе не и припаѓа на Беса, туку на СДСМ. Дециден е дека состојбата се одолговлекува поради политички калкулации помеѓу политичките партии.
Инаку, Комисијата за избори и именувања последен пат заседавала на 7 јуни, а прва точка на Дневениот ред била токму изборот на тројца нови уставни судии. Според спикерот Џафери, седницата била прекината поради несогласувања околу можните кандидати.
Распишувањето на локалните избори, пак дополнително ја забави работата на Комисиите, бидејќи до завршување на изборите, Законот забранува било какви именувања на јавни функции. Излегувањето на партијата на Зендели, Беса, од Владата во декември лани, го отежни функционирањето на Комисијата за избори и именувања, бидејќи сега мнозинството во ова тело го има опозицијата.
Уставниот суд до Собранието во март минатата година испратил допис со известување дека на тројца судии на 1 јуни им истекува мандатот. На уште еден судија од Уставен мандатот му истече кон средината на јануари годинава, со што ова тело остана без четворица судии и нема да решава за иницијативи кои имаат од национално и државно значење.
Игор Панов
