Свет

Столтенбег: Ја засиливме колективната безбедност на копно, море и воздух

24.02.2022 14:08

Западот со жестоки критики кон Русија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел остро ја осудија руската воена агресија врз Украина. Макрон побара Русија веднаш да го запре нападот. Столтенберг соопшти- како одговор на Русија, ние веќе ја засиливме нашата колективна безбедност на копно на море и во воздух...

Европскиот совет и Европската комисија заеднички со осуда за руската инвазија во Украина. Лидерите на земјите членки на ЕУ на вонреден самит. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен со осуда за, како што рече, варварскиот напад и циничните аргументи за да се оправда тоа.

„Претседателот Путин е тој што ја враќа војната во Европа. Во овие мрачни часови ЕУ и нејзиниот народ, стојат до Украина и нејзиниот народ. Се соочуваме со акт на агресија од страна на руското лидерство врз суверена и независна земја. Руските цели не се само Донбас и Украина, таргет е стабилноста на Европа и целиот национален поредок и ние ќе го држиме претседателот Путин одговорен за тоа. Денеска ќе презентираме пакет масовни санкции. Ќе ги таргетираме стратегиските цели на руската економија“, изјави Фон дер Лајен.

„Ова се едни од најмрачните часови за Европа уште од крајот на Втората Светска војна. Голема нуклеарна сила нападна соседна земја и се заканува на сите други земји кои можеби ќе дојдат да помогнат. Ова не е само најголемото прекршување на меѓународното право, туку и е прекршување на основните принципи на човековото опстојување. Ова чини многу животи, со многу непознати последици пред нас. ЕУ ќе одговори на најсилниот можен начин“, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел.

Ова е најтажниот момент во мојот мандат како Генерален секретар на Обединетите нации, рече Антонио Гутереш, откако за време на седницата на Советот за безбедност, Русија го почна нападот врз Украина. Гутереш со директно обраќање до Путин - „Во име на хуманоста, вратете ги своите војници во Русија“. 

„Во име на хуманоста не дозволувајте да почнете во Европа она што може да биде најлоша војна од почетокот на овој век, со девастирачки последици не само за Украина, не само трагични за Руската Федерација туку со импакт кој не можеме да го предвидиме. Овој конфликт мора да престане сега“, нагласи Гутереш.

НАТО донесе одлука да ги активира безбедносните планови. По итниот состанок со амбасадорите, генералниот секретар Столтенберг побара Русија веднаш да престане со воената акција. Рече дека напад на една членка ќе се смета како напад на сите, а главна задача на НАТО е да ги заштити и брани сите сојузници.

„Како одговор на Русија, ние веќе ја засиливме нашата колективна безбедност на копно на море и во воздух. Во изминатите недели нашите сојузници од Северна Америка и Европа распоредија илјадници трупи на источните делови од линијата и ставија уште толку на чекање. Имаме преку 100 авиони кои го штитат нашиот воздушен простор“, нагласи Генерланиот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Париз ќе соработува со сојузниците за да стави крај на војната објави на „Твитер“ францускиот претседател Емануел Макрон. Русија мора веднаш да стави крај на своите воени операции.

„Франција е солидарна со Украина. Таа стои до Украинците и работи со своите партнери и сојузници за да се стави крај на војната“, напиша Макрон на Твитер.

Британскиот премиер Борис Џонсон ги осуди „ужасните настани во Украина“ нагласувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „избрал пат на крвопролевање и уништување со тоа што започнал неиспровоциран напад“. „Велика Британија и нашите сојузници ќе одговорат одлучно“, објави тој на Твитер.

„Ова е ужасен ден за Украина и црн ден за Европа. Нападот на Русија врз Украина е грубо кршење на меѓународното право и не може да се оправда со ништо. Германија силно го осудува овој непромислен чин на претседателот Путин“, напиша германскиот канцелар Шолц на Твитер.

 

Викторија Милевска