Македонија

Аналитичари за МТВ: Воен конфликт без пошироки размери, но со човечки жртви, бегалска и економска криза

24.02.2022 14:57

Воен конфликт без пошироки размери, но со човечки жртви, бегалска и економска криза. Вака аналитичарите со кои разговараше МТВ ја проценуваат ситуацијата по руската инвазија на Украина. Се согласуваат дека светскиот поредок нема да биде ист, но велат-секогаш војната завршува на зелена маса со договор..

Руската инвазија од воздух, копно и море, најголема на европско тло по втората светска војна. Со ова се отвора прашањето за репозиционирање околу распределбата на влијанието и интересите, кои беа поместени по падот на Берлинскиот ѕид, вели универзитетскиот професор Мојановски. Овој конфликт ќе предизвика кризи, бегалци и внатрешни поделби во украинското општество.

Професорот Димовски пак вели дека ова е пресметана воена сила за да се добие подобра позиција во натамошните преговори. Самата позиција на Русија по нападот ќе биде многу посилна. Не очекува проширување на конфликтот.

Дипломатијата ќе победи, но сето тоа можеше да помине без човечки жртви, се согласуваат Димовски и Мојановски. НАТО темелно ги проценува сите можни последици, особено по светскиот мир, дали да ја прифати војната, која секогаш завршува со дипломатска конференција. Аналитичарите велат дека економијата ќе трпи најмногу, енергетската криза ќе се продлабочи.

Македонија како членка на НАТО споделува исти вредности и треба да ги споделува. Најмногу ќе помогнеме ако ги споделуваме вредностите дека војната не е решението кое треба да се користи за афирмација на сопствените вредности, децидни аналитичарите.

Милчо Велески