Одбрана

Петровска остро ја осуди воената агресија на Русија врз Украина, се преземаат сите мерки за гаранција на безбедноста

24.02.2022 14:57

Остра осуда на руската воена агресија и повик руските сили да се повлечат од Украина- упати министерката за одбрана, Петровска додавајќи дека се следи ситуацијата и се преземаат сите мерки за гаранција на безбедноста. Американската амбасадорка истакна дека заедно сме посилни и дека НАТО сојузниците ќе продолжат да бараат дипломатско решение за руската агресија во Украина...

Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа , изјави министерката за одбрана Петровска. Го повтори ставот дека македонските граѓани се солидарни со жителите на Украина и дека безбедноста на нашата земја е гарантирана.

„Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа. Македонските граѓани се солидарни со граѓаните на Украина. Безбедноста на нашата земја е гарантирана. Државниот врв будно ги следи состојбите и ги презема сите мерки за гаранција на безбедноста“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Американската амбасадорка Брнз порача дека настаните во Украина покажале зошто вештините кои заеднички ги развиваат членките на НАТО се важни за Европа.

„Иако ние како НАТО сојузници продолжуваме со напорите да бараме дипломатски решенија за руската агресија и да изнајдеме конструктивни исходи, нема да правиме компромиси за основните принципи, кои го вклучуваат правото на секоја земја да го избере својот пат и нашата способност да ги заштитиме и браниме сите сојузници“, рече американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.

Министерката и амбасадорката заклучија дека сојузништвото е пред се и над се, а доказ за тоа, како што велат, е заедничката обука на македонските ренџери и специјалци со нивните американски колеги која траеше 6 недели и се реализираше во касарната „Илинден“, на стрелиштето „Стенковец“ и на армискиот полигон „Криволак“.

 

Анита Димитријевска Велковска