Македонија

Совет за безбедност: Безбедносната состојба во земјава е стабилна, има доволно стокови резерви

24.02.2022 19:45

Македонскиот претседател и врховен командант го свика Советот за безбедност. Пендаровски побара прекин на воените дејствија и порача дека инвазијата претставува сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Оценето дека имаме доволно стокови резерви. Владата свика седница. Земјава се придружи на европските санкции кон Русија. Премиерот Ковачевски рече дека состојбата се следи многу внимателно...

По два часа седница, Советот за безбедност ги осуди воените дејствија кои Русија ги презема над Украина и кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета. Советот констатираше дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и има доволно стокови резерви и енергенси, а надлежните институции се задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.

„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина“, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Шефот на македонската влада Ковачевски напиша- Владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба.

„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои дирекна закана за безбденоста на Северна Македонија“, вели премиерот Ковачевски.

Владата на седница го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.

Земјава се приклучува кон европските санкции со што целосно ја усогласи позицијата со Унијата. Колку и да ни се чини географски далеку, Украина не е далеку и последиците ќе бидат далекусежни, не само од воен аспект, туку и од економски, и ќе се одразат врз регионот и пошироко во меѓународен контекст, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски коментира:

„Територијалниот интегритет на Украина како и на секоја суверена земја е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат. Важно за мене како човек и Македонец, како Македонија ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план“.

Миле Ристески