Зеленски: Западот набљудува од далеку, но не реагира
„Утрово сами ја штитиме нашата земја, исто како и вчера. Најмоќните сили во светот набљудуваат од далеку“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Повторно сирени за воздушна опасност одекнаа утрово во Киев. Русија продолжува со ракетни напади. Но, нивните трупи се запрени во напредувањата во неколку правци-тврди украинскиот претседател Зеленски. Нападите упатени и кон цивилни цели. Обвини дека западот не прави доволно да и помогне на Украина.
„Второ утро целосна војна. Во 4 часот наутро руските сили продолжија со ракетни напади врз украинските територии. Велат дека цивилните објекти не се цел. Тоа е лага. Реалноста е дека тие не прават разлика во кои области дејствуваат. Целта е да се изврши притисок, но денес, дури и повеќе од вчера, нашите момчиња и девојки-сите бранители на Украина, не му дозволија на непријателот да го реализира оперативниот план за инвазија. Утрово сами ја штитиме нашата земја, исто како и вчера. Најмоќните сили во светот набљудуваат од далеку“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Во предградието на Киев утрово е погодена станбена зграда. Силна експлозија, прашина и вресоци ги разбудија жителите. Евакуирани се 150 луѓе. Итната служба добила пријави за 8-мина повредени, но нема жртви. Гневот и стравот оправдани.
„Се разбудив во целосна прашина, вресоци и аларми од автомобили. сите беа во паника. се издигаше чад од огнот. Можеби беше ракетен фрлач. Земаме торби и заминуваме. Ова не е воен објект. Што правите? Ако сакате да нападнете воени објекти или воен персонал, нападнете воен персонал. Ова е сè што можам да кажам“, Јуриј Жиханов локален жител.
Рускиот новинар-нобеловец за мир, Дмитриј Муратов вели дека само руско антивоено движење може да ја спаси планетата.
„Рано утрово сите се собравме во редакцијата. Чувствуваме тага. Нашата земја по наредба на претседателот Путин започна војна со Украина, и нема кој да ја запре војната, па заедно со тагата чувствуваме и срам“, вели Дмитриј Муратов главниот уредник на рускиот весник „Новаја Газета“.
На 8 октомври 2021 година, Дмитриј Муратов, главниот уредник на рускиот весник „Новаја Газета“, и филипинската новинарка Марија Реса ја добија Нобеловата награда за мир за 2021 година „за нивните напори да ја заштитат слободата на изразување, што е предуслов за демократијата и траен мир“.
Западот со осуди воведува санкции, набљудува со зборови, но воено не реагира.
Порано или подоцна Русија ќе мора да почне да разговара со нас за запирање на воените дејствија и запирање на оваа инвазија. Колку побрзо започне оваа дискусија, толку помалку загуби ќе претрпи самата Русија.
Бојана Крстевски
