ВМРО-ДПМНЕ: Зошто СДСМ е без став за писмени гаранции за идентитетот, јазикот и историјата во преговорите со Бугарија
Постои сериозна опасност СДСМ и Ковачевски да прифатат позициите на бугарското Собрание да станат составен дел од преговарачката рамка.

„Ковачевски е спремен да дава писмени гаранции на Бугарија, а молчи за барањето на ВМРО-ДПМНЕ да потпише и да застапува писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја.
Ковачевски и СДСМ молчат за овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ кој е во насока на зацврстување на државните позиции и интереси. Да потсетиме, СДСМ одби и подадена рака од страна на опозицијата да се изгласа Декларација за Гоце Делчев во Собранието по повод јубилејот 150 години од неговото раѓање.
Ова отвора големи сомнежи дека власта на СДСМ се подготвува да направи многу повеќе од внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Постои сериозна опасност СДСМ и Ковачевски да прифатат позициите на бугарското Собрание да станат составен дел од преговарачката рамка. Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара од Ковачевски да прифати и да застапува гаранции, бидејќи кога може да му дава гаранции на Кирил Петков, тогаш мора и на својот народ да му гарантира дека никој нема да го обезличува и нема да го попречува со апсурдни оспорувања патот на Македонија кон ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
