НБРМ: Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни
Денес се одржа средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија како и очекувањата за македонската економија.

Монетарните и фискалните власти се координираат и внимателно ги следат меѓународните случувања и нивните потенцијални ефекти врз домашната економија и подготвени се соодветно да ги прилагодуваат политиките. Во оваа насока, денес се одржа средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија како и очекувањата за македонската економија.
На средбата беше посочено дека светот се соочува со уште еден нов глобален предизвик по пандемијата. Почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите. Цените на примарните производи, храната и енергенсите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи. Ова ќе повлијае и на процесот на опоравување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенси и жито.
Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1% во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност.
