Украина

Киев под опсада, руските трупи го стегаат обрачот

25.02.2022 12:06

Руски тенкови влегуваат во делови на Киев. Украинскиот претседател моли, за меѓународна помош, и го обвини западот дека не прави доволно да и помогне на земјата. Украина потврди 137 жртви и над 300 повредени во нападите. Осуда на нападот и од рускиот нобеловец Дмитриј Муратов. И покрај сѐ, руските воени единици продолжуваат со операциите...

Сирени за воздушна опасност се огласуваат во Киев. Руските трупи го стегаат обрачот. Градот е под опсада. Извршени се воздушни напади врз градови и воени бази. Руските трупи се приближуваат од три страни. Изутрината е погодена станбена зграда во предградието. Силна експлозија, прашина и врисоци ги разбудија жителите. Пријавени се  осуммина повредени, но нема жртви. Гневот и стравот оправдани.

„Се разбудив во целосна прашина, вресоци и аларми од автомобили. Сите беа во паника. Се издигаше чад од огнот. Можеби беше ракетен фрлач. Се пакуваме и заминуваме. Ова не е воен објект! Што правите? Ако сакате да нападнете воени објекти или воен персонал, нападнете воен персонал. Ова е сè што можам да кажам“, вели Јуриј Жиханов, локален жител.

Украинскиот претседател моли за меѓународна помош. Мораме да ја натераме Русија на преговори. Обвини дека западот не прави доволно да ѝ помогне на Украина за запирање на агресијата.

„Второ утро целосна војна. Во четири часот наутро руските сили продолжија со ракетни напади врз украинските територии. Велат дека цивилните објекти не се цел. Тоа е лага. Реалноста е дека не прават разлика во кои области дејствуваат. Целта е да се изврши притисок. Утрово сами ја штитиме нашата земја, исто како и вчера. Најмоќните сили во светот набљудуваат од далеку“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Западот набљудува и осудува. Воведува санкции, но воено не реагира. Москва решителна во својата цел.

Специјалната воена операција продолжува. Повеќе од 150 војници од различни структури на моќ на Украина го положија оружјето и се предадоа. Откако ќе потпишат дека нема да учествуваат во воените дејствија, ќе бидат вратени на нивните семејства“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.

Осуди и срам за потегот на Путин пристигнува и од и рускиот новинар- нобеловец за мир, Дмитриј Муратов. Вели дека само руско антивоено движење може да ја спаси планетата.

„Рано утрово сите се собравме во редакцијата. Чувствуваме тага. Нашата земја по наредба на претседателот путин започна војна со Украина. И нема кој да ја запре таа војна, па заедно со тагата чувствуваме и срам“, изјави Муратов- главен уредник на весникот „Новаја Газета“.

Украина потврди дека досега има 137 жртви и повеќе од 300 повредени во судирот.

 

Бојана Крстевски