Украинска криза

Османи: Нашите дипломати во Киев се во скривница, се прават напори да бидат евакуирани

25.02.2022 12:47

Министерот за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека постојано е во контакт со нашата амбасада во Киев, како и со наши граѓани кои се обидуваат да заминат од Украина...

Нашите дипломатски претставници во Украина поголем дел од денот го поминувале во скривница, се прават напори да бидат евакуирани до Полска, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во последната комуникација која ја имал со амбасадорот Ефремов, бил информиран дека не можат да го напуштат Киев, зашто е опколен. Османи посочи дека е во постојан контакт со колегите од регионот.

„Правиме аранжмани, која било земја која ќе обезбеди прва транспорт, да ги извадиме и нашите дипломати до Полска. Меѓутоа, тие се во комуникација со нашите граѓани во Украина. Иако вчера поголемиот дел го минале во скривница, даваат патни листови. Но, и тие кои добија патни листови, не можат да излезат“, изјави министерот Османи.

Министерот рече дека имало неколку наши граѓани во Одеса, семејство со едногодишно дете. За нивна евакуација побарал помош од бугарската колешка Теодора Генчевска, бидејќи Бугарија има таму конзуларно претставништво. Шефот на македонската дипломатија посочи дека никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата, но, членки на ЕУ правеле планови за бранови на бегалци.

Според него, во моментов не би требало кај нас да има бран на бегалци оти сме малку подалеку од Украина. Доколку оваа состојба ескалира повеќе, Османи вели може и тоа да се случи. Шефот на дипломатијата нагласи дека ние како држава директно не сме под некоја безбедносна закана.

По сето ова, вели Османи секако ќе има и економски импликации и тие веќе се чувствуваат, во цените на гасот, на изворите на енергија, а тоа ќе се манифестира уште повеќе на цените на другите производи, вклучувајќи ги прехранбените производи.

 

Наташа Гркова Петрушевска