Влада

Грковска-Лудва: Динамизирана соработка за остварување на евроинтеграција на Северна Македонија

25.02.2022 13:27

Грковска изрази благодарност за заложбата на земјата во насока на остварување на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска оствари средба со делегација на Чешката амбасада во земјата, предводена од амбасадорот Јарослав Лудва.

Грковска изрази благодарност за заложбата на земјата во насока на остварување на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија. Оцени дека Чешка е многу добар пример за остварување на реформските процеси, применливи и кај нас, особено во однос на креирањето на политиките на доброто владеење, со фокус на креирање на антикорупциски политики, како и транспарентно детектирање и воспоставување партнерски однос во мапирање на проблемите во системот.

Амбасадорот Лудва истакна дека останува отворената и континуирана поддршка за целосно исполнување на европските перспективи на нашата земја, особено за време на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија од 1 јули оваа година.

Соговорниците позитивно ја оценија и новата енергија и динамика на односите на Северна Македонија и Бугарија и соработката и работата на работните групи меѓу двете земји, со акцент на работата на работната група за европски интеграции, зелена агенда и дигитализација.