Бизнисот бара стоковите резерви да бидат на готовс
Од Сојузот на стопански комори бараат државата да биде подготвена да интервенира со стоковите резерви за да не се дозволи драстично зголемување на цените.

Украинската криза внесе загриженост меѓу бизнисмените од земјава. Од Сојузот на стопански комори бараат државата да биде подготвена да интервенира со стоковите резерви за да не се дозволи драстично зголемување на цените.
„Не се знае на каква ќе биде цената на житата на берзите, дали ќе се активираат стоковите резерви, дали ќе спуштат цените на суровините или дали државата ќе дава за енергија за да ја знаеме цената на лебот. Ние сметаме дека треба да се дејствува проактивно, ако не се полни да се наполнат резервите и да бидеме подготвени за најлошото сценарио. Добар домаќин и добра држава секогаш го прават тоа“, Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис комората при ССК.
Ситуацијата е сериозна и тешка, но буџетот е ликвиден да одговори на предизвиците – смирува првиот човек на Министерството за финансии.
Бесими вели дека внимателно се следат случувањата со Украина, иако не одговори конкретно на прашањето дали ќе има ребаланс на буџетот, дали ќе се прави интервентен увоз или дали ќе се активираат стоковите резерви за да се спречи ценовен шок.
„Ликвидноста е согласно планираното, не велиме дека ситуацијата е лесна, ние како земја не можеме да влијаеме на тоа, ние навремено ќе реагираме“, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Кризата во Украина се заканува да донесе значителен раст на цените на енергенсите. Бесими откри дека од јануари досега се вбризгани 85 милиони евра за справување со енергетската криза.
„Буџетот е ликвиден, има планирани резерви како што се предвидува при планирањето на Буџетот, кој е доставен во Собрание. Ние дури и во планот на буџетот имаме планирано дополнително зголемување на депозитите на државата во Народна банка за 50 милиони и досега сме во рамки на планираното“, изјава Фатмир Бесими, министер за финансии.
Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни – велат од Народна банка. Се проценуваат потенцијалните ефекти од украинската криза врз домашната економија.
„Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1% во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи“- велат од Народната банка.
По вонредниот состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски беше оценето дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси за да се интервенира доколку има потреба.
Мартин Пушевски
