Воен конфликт

Не стивнуваат реакциите на меѓународната заедница

25.02.2022 15:05

Од Европската комисија соопштија дека санкциите ќе влијаат врз клучните финансиски, енергетски и транспортни сектори на Русија, како и издавање визи и забрани за извоз на одредени поединци и компании.

Не стивнуваат реакциите по рускиот напад врз цели во Украина. Меѓународната заедница со осуда за потезите на Русија. Од Европската комисија соопштија дека санкциите ќе влијаат врз клучните финансиски, енергетски и транспортни сектори на Русија, како и издавање визи и забрани за извоз на одредени поединци и компании.

„Претседателот Путин избра да ја врати војната во Европа. Санкциите ќе имаат максимално влијание врз руската економија и политичката елита“, изјави претседателот на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Администрацијата на Бајден исто така презентираше мерки што ќе влијаат на руската економија.

„Путин го направи својот избор. Ја отфрли дипломатијата и избра војна. Ќе се погрижиме неговата одлука да биде запаметена како стратешки неуспех“, изјави советникот за национална безбедност на САД Дејлип Синг.

Германскиот канцелар изјави дека исклучувањето на Русија од доминантниот систем за глобални финансиски трансакции познат како свифт ќе биде последна мерка. Францускиот претседател вети дека ќе ја зголеми помошта за Украина.

„Франција ќе придонесе со 300 милиони евра за украинската економија и ние сме подготвени да продолжиме да испорачуваме воена опрема и поддршка на населението“, изјави претседателот на Франција Емануел Макрон.

Италијанскиот премиер драги вели дека приоритет мора да биде зајакнувањето на безбедноста на континентот и продолжување на дијалогот.

Марио драги-премиер на Италија

„Враќањето на војната во Европа не може да се толерира, но мора да бидеме свесни дека руската агенда е сложена и долго планирана. Имам чувство дека ова е само почеток на она што ќе биде радикална и длабока промена во природата на меѓународните односи“, рече Марио Драги премерот на Италија.

И поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ги опиша случувањата во Украина како „длабока пресвртница во историјата на Европа по крајот на студената војна“. Кинескиот претседател поддржува решение на украинската криза по пат на преговори меѓу Москва и Киев. Сирискиот претседател Ал Асад во телефонски разговор со неговиот руски колега Путин ја поздрави руската инвазија на Украина, оценувајќи ја како „корекција на историјата“.

Маријана Димовска