Зеленски: Западот не прави доволно да ѝ помогне на Украина
Руски тенкови влегуваат во делови на Киев. Украинскиот претседател инсистира на меѓународна помош. Го обвинува западот дека не прави доволно за да ѝ помогне на земјата, врз која Русија изврши инвазија. Украина потврди 137 жртви и над 300 повредени во нападите...

Западот не прави доволно да ѝ помогне на Украина- рече украинскиот пртседател во обраќањето до јавноста. Зеленски побара меѓународна помош на вториот ден од руската инвазија врз неговата земја.
„Тенковите и воздушните напади наликуваат на она што Европа го виде многу одамна за време на Втората Светска војна и на она што беше речено: никогаш повеќе. Но, еве го повторно, по 75 години од завршување на Втората Светска војна. Сигурен сум дека го гледате ова- цела Европа. Но, не гледам што планирате да направите во врска со тоа. Како ќе се заштитите кога толку бавно ни помагате во Украина“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Западот ја следи ситуацијата и осудува. Воведува санкции, но воено не реагира. Русија подготвена да разговара доколку украинската армија престане да дава отпор.
„Подготвени сме за преговори. Во секој момент, штом вооружените сили на Украина одговорат на повикот на нашиот претседател, престанете да давате отпор и положете го оружјето. Никој нема да ги нападне, никој нема да ги угнетува, нека се вратат кај своите семејства. Ајде да му дадеме на украинскиот народ сите заедно можност да ја одреди сопствената судбина“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Сирените постојано се огласуваат во Киев. Руските трупи го стегаат обрачот, се приближуваат од три страни. Градот под опсада. Објавени се снимки од руски тенкови на улици. Погодена е станбена зграда во предградието.
„Се разбудив во целосна прашина, вресоци и аларми од автомобили. Сите беа во паника. Ова не е воен објект! Што правите? Ако сакате да нападнете воени објекти или воен персонал, нападнете воен персонал“, изјави Јуриј Жиханов, локален жител.
Илјадници Украинци со воз пристигнаа во Варшава. Во последните неколку дена повеќе од 38.000 луѓе пребегаа во Полска.
„Штом разбравме што се случува, заминавме. Не се потребни документи за виза, луѓето можат брзо да си заминат“, вели жителка на Киев.
Во знак на солидарност, во повеќе градови во Русија имаше протести против војната и многу уапсени.
Бојана Крстевски
