Земјоделство

Топлите денови не ја разбудија предвреме вегетацијата

28.02.2022 08:13

Минатата недела убавото време и релативно повисоките температури од просечните не предизвикаа прерано будење на вегетацијата и не направија штети во земјоделството. Слични временски услови не очекуваат и оваа седмица кои се добредојдени за кроењето на лозјата и резидбата на овошките. Во пчеларството пак, поради поголемата потрошувачка, предизвикана со претходното зимско затоплување, агрометеоролозите препорачуваат дополнителна исхрана.

Минатата недела имаше променливо време, што доведе до разладување на атмосферата, со пониски дневни температури, кои не го стопираа, туку само го успорија пролетното будење на овошките, особено оние од коскестите видови, кои и вообичаено се првите кои ја почнуваат вегетацијата. Слични временски услови се очекуваат и за оваа седмица.

Влажен бран на почетокот кој ќе донесе врнежи од дожд и од снег на повисоките места и променливо облачно време во втората половина, проследено со сончеви периоди. Временски услови кои според Управата за Хидрометеоролошки работи се добредојдени за изведување на работите во поле како што е кроењето на лозјата и резидбата на овошките.

Ваквите временски услови нема да им одат во прилог на пчеларите и пчеларството.

Потребите од храна за пчелните семејства се зголемени, па затоа е потребно пчеларите ројевите да ги обезбедат со доволно цврста храна поради поголемата потрошувачка предизвикана со претходното зимско затоплување.

Методија Трајков