Украинска криза

Продолжува руската офанзива, се очекуваат преговори

28.02.2022 10:00

Продолжуваат руските воени дејствија во Украина. На руско-белоруската граница, средба на претставниците од Москва и Киев. Европската унија планира да купува оружје за Украина.

Четврти ден од руската инвазија врз Украина. Борбите не стивнуваат. Светот во исчекување на преговорите во резиденцијата на регионот Гомел. Состанокот треба да почне штом пристигнат делегациите на Русија и Украина – тврдат белоруските власти. Шефот на украинската дипломатија, Кулеба изјави дека граѓаните на Русија се тие коишто ќе ги трпат последиците, повикувајќи го рускиот народ да бара од Путин да ја прекине војната.

„Целиот свет се обедини да ја поддржи Украина, да го спречи Путин. Против Русија беа применети санкции без преседан во историјата. Вие сте тие кои страдате. Ова е само почеток. Понатаму ќе биде полошо. Руската економија ќе ползи надолу под притисокот на санкциите. Барајте од Путин да ја прекине војната“, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Украинскиот претседател Зеленски скептичен за исходот од преговорите. Вели-следните 24 часа се клучни за неговата земја.

„Не верувам многу во резултатот од оваа средба, но нека се обидат, да не се сомнева ниту еден украински граѓанин дека јас како претседател не ја искористив секоја шанса за прекин на војната, па макар и мала“, рече претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Француски авиони се упатуваат кон источна Европа. Освен санкции, ЕУ планира и купување оружје за Украина.

„Првпат досега, европската унија ќе финансира купување и испорака на оружје и друга опрема во земја која е нападната“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, откри дека пакетот „смртоносна помош“ за Украина од 450 милиони евра ќе вклучува борбени авиони, со целото оружје испорачано преку полска. Во меѓувреме граѓаните на Киев и на другите градови, живеат во засолништа.

„Седам и се молам овие преговори да завршат успешно, да постигнат договор за прекин на колежот и да нема повеќе војна“, вели Александра Михајлова жителка на Мариупол.

„Постои надеж за мировни преговори затоа што сите сакаат мир и некаков резултат за да не се убиваат цивили“, вели Ана Делина жителка на Мариупол.

Советот за безбедност на ООН на вонредна седница за кризата. Хуманитарна и воена помош за Украина пристига од Грција. Во светот и натаму продолжуваат протести против руската инвазија.

Бојана Крстевски