Светот во исчекување на исходот од преговорите
На украинско-белоруската граница, средба на претставниците од Москва и од Киев. На боиштата оружјето не мирува. Украина бара итен прекин на огнот и повлекување на руските војници. Киев инсистира на брз прием во ЕУ. Руската војска најави безбеден коридор за напуштање на жителите на Киев. Први негативни ефекти од санкциите врз Русија.

Обид за мировни преговори на украинско-белоруската граница. Итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи-главни барања на Киев. Русија тврди дека е заинтересирана да се стави крај на кризата.
„Конфликтот се развива секој час, украинските граѓани и војници умираат. Заинтересирани сме да видиме договор што е можно поскоро во интерес на двете страни“, изјави Владимир Медински помошник на Владимир Путин.
Претходно, украинскиот шеф на дипломатијата го повика рускиот народ да побара од Путин да ја прекине војната.
„Вие сте тие кои страдате. Ова е само почеток. Понатаму ќе биде полошо. Руската економија ќе ползи надолу под притисокот на санкциите. Барајте од Путин да ја прекине војната“, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.
На терен, борбите продолжуваат. Украинските власти делат оружје на секој што сака да ја брани земјата. Претседателот Зеленски ги ослободи затворениците со борбено искуство. Рече дека 16 украински деца досега се убиени, а 45 ранети.
„Апелираме до ЕУ за итно пристапување на Украина по нова специјална процедура. Благодарни сме на нашите партнери што беа со нас, но нашата цел е да бидеме со сите европејци и да бидеме еднакви.“, изјави Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, руското министерство за одбрана соопштија дека руската авијација ја освоила воздушната превласт над цела Украина. Ги повика цивилите да се евакуираат од Киев.
„Киев е тероризиран од вооружени разбојници на кои им беше дадено оружје поради криминалната одлука на владата. Сите цивили во градот, можат да заминат преку автопатот Киев-Василков без никакви пречки“, изјави портпаролот на министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков.
САД и некои европски земји ги зголемуваат своите испораки на оружје. Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, откри дека воената помош за Украина од 450 милиони евра ќе вклучува борбени авиони, со целото оружје испорачано преку полска. Советот за безбедност на ООН на вонредна седница за кризата. Во светот и натаму продолжуваат протести против руската инвазија.
Бојана Крстевски
