Комеморација за Радован Павловски во МАНУ
Историјата на македонската култура, творештво и на македонскиот духовен живот од 9-от век до денешни дни изобилува со ѕвездени мигови...

Историјата на македонската култура, творештво и на македонскиот духовен живот од 9-от век до денешни дни изобилува со ѕвездени мигови. Мигови кои трајно светат и ја осветлуваат темната ноќ на минатото. Несомнено една таква ѕвезда е академик Павловски кој за македонскиот јазик ќе рече „јазикот на малите народи, како и македонскиот во својата говорна сфера станува светски јазик во уметноста ако на тој јазик се создадени универзални уметнички вредности“, рече претседателот на МАНУ Коцаревски на комеморацијата за македонскиот принц на метафората.
Радован Павловски замина од овој свет, но останаа неговите зборови вечно да сјаат и сведочат за неговата големина.
Македонската академија на науките и уметностите и Друштвото на писателите на Македонија одржаа заедничка комеморативна седница по повод смртта на академикот. Тој беше голем поет, есеист и патописец, член на Друштвото на писателите на Македонија, на македонскиот ПЕН центар, редовен член на МАНУ.
Ана Ј. Тодоровска
