Самит на ЕБОР

Ковачевски: Северна Македонија е атрактивна дестинација за странските инвеститори

28.02.2022 14:10

Шефот на владата истакна дека земјава е дестинацијата во која инвеститорите треба да ги вложат своите пари. По првата негативна година од пандемијата, Македонија лани забележа подобрување на економијата.

Премиерот Ковачевски во Лондон учествува на инвестициски самит на Европската банка за обнова и развој за Западен Балкан. Шефот на владата истакна дека земјава е дестинацијата во која инвеститорите треба да ги вложат своите пари. По првата негативна година од пандемијата, Македонија лани забележа подобрување на економијата.

„Инвеститорите имаат можност за соработка со добри домашни изведувачи, кои постојано се унапредуваат технолошки, што значи нова машинерија, нови технолошки процеси, зголемување на продуктивноста - сето тоа создава опкружување во земјата коешто во економска смисла е повеќе од посакувано, особено после првата негативна година од пандемијата“, потенцираше Ковачевски на самитот на ЕБОР во Лондон.

Ковачевски го издвои како посебно значаен концептот за дуално образование како одговор на потребите на инвеститорите од стручна работна сила.

Во однос на најважните приоритети на Северна Македонија, премиерот Ковачевски ги истакна инфраструктурните проекти за актуелните фази од патното и железничкото поврзување со Република Бугарија, односно европскиот Коридор 8, кој го вклучува и вториот приоритет за поврзување на дистрибутивните системи за електрична енергија со Албанија, како и интерконекторот со Грција за поврзување со гас за стабилно снабдување со овој енергенс.

Ковачевски со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе оствари средба и со премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.