Македонски семејства се обидуваат да ја напуштат Украина
Антонио Стојанов, кој две децении живее и работи во Киев, заедно со сопругата и 11 годишната ќерка за МТВ вели дека иако стапил во контакт со македонските институции, оттаму не добил повратен одговор. Бараат начин како го напуштат Киев, град кој изминативе денови е под напади.

Македонски семејства кои останаа заглавени во Украина се обидуваат да ја напуштат земјата. Антонио Стојанов, кој две децении живее и работи во Киев, заедно со сопругата и 11 годишната ќерка за МТВ вели дека иако стапил во контакт со македонските институции, оттаму не добил повратен одговор. Бараат начин како го напуштат Киев, град кој изминативе денови е под напади.
„Вчера се јавив на бројот што го видов на македонските сајтови, ми рекоа дека ќе ме исконтактираат, но досега никој не се јави. Не верувам дека некој ќе се јави. Ние планираме сами да се евакуираме, еве собравме намирници. Тргнуваме за еден час, со Господ напред, па ќе видиме како ќе биде по пат“, вели Антонио Стојанов.
Состојбата во Киев е катастрофална, нема дотур на производи, за услуга во маркетите и аптетките се чека по неколку часови, а бензински пумпи не работат, раскажува Стојанов.
„Знам дека имаат заглавено уште две семејства од Битола, тие се на левиот брег, јас сум на десниот брег на Киев, мене ми е малку полесно“, додава Стојанов.
Од македонското Министерство за надворешни работи пак ги повикаа македонските граѓани кои се наоѓаат во Русија, да ги искористат расположливите воздушни, копнени и морски линии и да ја напуштат земјата. Од МНР апелираат македонските граѓани во следниот период да се воздржат од патување во Русија.
Марија Котовска
