Економија

Петрески: Индиректни влијанија од руско- украинската војна врз домашната економија

28.02.2022 14:29

Нема директни последици од руската инвазија врз Украина на домашната економија. Но, значајни се индиректните коишто се однесуваат на европската економија со која сме тесно поврзани, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески. Денарот е стабилен, а девизните резерви надминуваат 3 милијарди евра, но неизвесни се цените на енергенсите...

Нема директни последици од руската инвазија врз Украина на домашната економија, но значајни се индиректните кои се пренесуваат преку европската економија со која ние сме тесно поврзани, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески. Денарот е стабилен, а девизните резерви надминуваат 3 милијарди евра. Банкарскиот систем е безбеден затоа што во него нема банки со руски или пак украински капитал,појаснува Петрески кој е член на Советот на Народна банка.

„Денарот е стабилен, граѓаните треба да бидат спокојни во таа смисла,затоа што ако го ставам тоа во историска перспектива не е ова првата надворешна криза што ја искусува нашата економија,во случајов индиректно.Тој е стабилен, неговата стабилност се гарантира преку многу високото ниво на девизни резерви што надминуваат 3 милијарди евра,значи повеќе од 30% од БДП или неколкумесечна покриеност на увозот со извоз кои се првите индикатори кои за нас економистите се битни, за да видиме каква е стабилноста на валутата“, изјави универзитетскиот професор д-р Марјан Петрески.

На денешната седница на Советот на Централната банка било констатирано дека случувањата во Украина внесуваат незивесност што може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија и затоа ќе продолжи користењето на заштитните механизми во нашиот финасиски ситем за да продолжи економијата непречено да функционира.

Македонската економија има скромна трговска размена со Украина и со Русија која не надминува 2% од вкупната надворешна трговија. Западните санкции кон кои се приклучи и нашата земја, особено исклучувањето од системот за плаќање СВИФТ ќе предизвикаат прекин на плаќањата преку руските банки, но ќе создадат и проблеми при плаќањата за набавени енергенси од Рисија, особено на природен гас, вели Петрески.

Воената интервенција предизвика турбуленции и на светскиот пазар со житарици,затоа што двете земји учествуваат со третина во глобалната понуда, но и на пазарот на метали особено ретките, како паладиумот, кадешто Русија покрива половина од светската потрошувачка.

„До каде ќе движат цените конкретно на енергенсите многу зависи од тоа колку долго и со каков интензитет ќе биде оваа криза“, вели Петрески.

Санкциите се насочени кон Русија, но треба да се размислува и за тоа како ќе се одразат на економиите, особено на оние земји што имаат сериозна зависност од снабдувањето со руски суровини,енергенси и метали, појаснува Петрески.

 

Свето Николоски