Економска криза

Инфлацијата ќе се продлабочува, каматните стапки ќе растат

28.02.2022 15:13

Војната помеѓу Украина и Русија ќе генерира уште поголема економска криза од онаа во која не „втурна“ пандемијата со ковид-19, велат експертите...

Војната помеѓу Украина и Русија ќе генерира уште поголема економска криза од онаа во која не „втурна“ пандемијата со ковид-19, велат експертите. Инфлацијата ќе се продлабочува, каматните стапки ќе растат, а ќе се зголемува и јазот помеѓу богатите и сиромашните, тврди универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ. Говорејќи на форумот за влијанието на пандемијата врз економијата посочи дека еден вид на стагфлација ја очекува не само земјава туку Европа.

„Владите треба да го зголемат трошењето на финансии, но и да ги регулираат цените. Северна Македонија и Србија веќе почнаа да ги регулираат цените на основните прехранбени производи, а дел од земјите во ЕУ ги регулираа и цените на енергенсите. Сите овие мерки бараат пари, владите мора да обезбедат пари да ги спроведуваат овие мерки, а тоа може да се направи преку оданочување на богатите и преку задолжувања“, рече универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, порача дека последните две години во пандемија преку мерките владата и помогна на економијата, беа зачувани работните места, им се помогна на фирмите да ги задржат вработените и да опстанат во услови на криза

„Државите во југоисточна Европа, особено шесторката од Западен Балкан треба да работат кон тоа да го доведат синџирот на добавувачи блиску до границите на Европската Унија. Бидејќи далечните пазари за снабдување се докажаа дека не се одржливи, треба да гледаме кон регионална конкурентност, а не кон создавање на регионална конкуренција“, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На форумот посветен на влијанието на ковид-19 врз економијата во регионот на Западен Балкан, домашни и експерти од регионот зборуваа и за начините како одделни земји се справуваат со тоа.

Фиљана Кока