Русија- Украина

Мировни преговори, борбите продолжуваат

28.02.2022 15:51

Русија и Украина седнаа на преговарачка маса на Белоруската граница. Борбите продолжуваат. Зеленски верува дека следните 24 часа се клучни. Москва трпи економски последици од кризата, илјадници бегалци ја напуштаат воената зона. Во Обединетите нации, итна вонредена седница...

Обид за мировни преговори на Украинско- белоруската граница. Итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи- главни барања на Киев. Русија тврди дека е заинтересирана да се стави крај на кризата.

„Конфликтот се развива секој час, украинските граѓани и војници умираат. Заинтересирани сме да видиме договор што е можно поскоро во интерес на двете страни“, вели Владимир медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно, украинскиот шеф на дипломатијата го повика рускиот народ да побара од Путин да ја прекине војната.

„Вие сте тие кои страдате. Ова е само почеток. Понатаму ќе биде полошо. Руската економија ќе ползи надолу под притисокот на санкциите. Барајте од Путин да ја прекине војната“, рече Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

На терен, борбите продолжуваат. Украинските власти делат оружје на секој што сака да ја брани земјата. Претседателот Зеленски ги ослободи затворениците со борбено искуство. Рече дека 16 украински деца досега се убиени, а 45 ранети. Побара итен прием во ЕУ.

„Апелираме до ЕУ за итно пристапување на Украина по нова специјална процедура. Благодарни сме на нашите партнери што беа со нас, но нашата цел е да бидеме со сите европејци и да бидеме еднакви“, нагласи украинскиот претседател Зеленски.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руската авијација ја освоила воздушната превласт над цела Украина. Ги повика цивилите да се евакуираат од Киев.

„Киев е тероризиран од вооружени разбојници на кои им беше дадено оружје поради криминалната одлука на владата. Сите цивили во градот, можат да заминат преку автопатот Киев- Василков без никакви пречки“, рече Игор Конашенков, главен портпарол на Министерство за одбрана на Русија.

САД и некои европски земји ги зголемуваат своите испораки на оружје. Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, откри дека воената помош за Украина од 450 милиони евра ќе вклучува борбени авиони, со целото оружје испорачано преку Полска. И покрај тековните мировни преговори, спроведена наредбата на Путин за ставање на нуклеарните сили на готовс.

Испораките на оружје и муниција на украинската територија, може и ќе бидат многу опасен и дестабилизирачки фактор кој во ниту еден случај нема да придонесе за мирот и воспоставувањето на редот во Украина, а долгорочно може да има и повеќе опасни последици“, рече Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.

Во светот и натаму продолжуваат протести против руската инвазија. Летонија и Данска им дадоа дозвола на своите граѓани да се борат во Украина.

 

Бојана Крстевски