Гранатиран Харков, борби во Херсон и Мариупол
Се засилуваат борбите во Украина. Километарска колона руски оклопни возила е пред Киев, покажуваат сателитски снимки. Жестоки гранатирања во Харков. Се јавува за загинати цивили. 70 украински војници ги загубија животите откако беше нападната воена база. Првата рунда преговори меѓу украинската и руската делегација, без поголем успех. Најавена нова средба на белоруско-полската граница.

Жестоки борби во Украина. Руската армија напаѓа од повеќе правци. Километарска колона руски оклопни возила е пред главниот град Киев. Руските сили го гранатирале плоштадот на слободата во Харков. Најтешка е состојбата во Харков, каде што се јавува за голем број загинати и ранети, меѓу нив има и цивили.
Над 70 украински војници загинале во ракетен напад на воена база
Најмалку 70 украински војници загинале во руски ракетен напад на воената база во Октирка. Суми се наоѓа под опсада на руските сили од почетокот на инвазијата минатата недела.
Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства и бара забрана за руски летови
Украинскиот претседател Зеленски истакна дека за пет дена од руската инвазија, Украина била погодена од 56 ракетни напади и 113 крстосувачки проектили. Ја обвини Русија за воени злосторства и побара забрана на руски летови.
„Ова е кршење на сите конвенции. Никој на светот нема да ви прости што убивате мирољубив украински народ. Дефинитивно ќе постои меѓународен суд за ова злосторство. Злото наоружано со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре и економски да се уништи. Мора да покажеме дека човештвото знае да се брани“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Се одржа и првата рунда преговори меѓу руската и украинската делегација. Договор не беше постигнат. Беше закажана нова рунда преговори која ќе се одржи на полско-белоруската граница.
„Украинската и руската делегација ја одржаа првата рунда разговори. Главна цел беше да се разговара за прекин на огнот и за крај на воените дејствија во Украина. Двете страни ги утврдија темите со можни одлуки. За да се спроведат двете страни се враќаат на консултации во главните градови. Разговаравме за одржување нова рунда разговори“, изјави советникот на претседателот Зеленски Михајло Подољак.
„Разговорите со украинската страна траеја 5 часа и завршија. Ги разгледавме сите точки. На агендата најдовме одредени поенти каде што може да се имаме заеднички став. Најважното е што преговорите ќе продолжат. Дотогаш секоја делегација ќе се консултира со владите“, изјави шефот на руската делегација Владимир Медински.
Францускиот претседател Макрон телефонски разговараше со претседателот Путин. Побарал итен прекин на огнот во Украина, но Путин имал неколку услови – признавање на суверенитетот на Крим, денацификација и демилитаризација на Украина, како и обезбедување неутрален статус на Киев.
Марина Ристова
