Уште 50 македонски државјани чекаат евакуација од Украина
Околу 50 македонски државјани извлечени од кризните подрачја во Украина, уште толку сè уште чекаат да бидат евакуирани, меѓу нив и новороденче. Министерот Османи уверува – се прават напори безбедно да бидат извлечени сите нашите државјани.

Семејство со бебе старо пет дена е меѓу 50-та македонски државјани, заглавени во Украина. Сè уште чекаат нивна евакуација од земјата. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи информираше дека состојбата се влошува и се прават напори луѓето да се вратат дома. 20-ина нашинци се во Киев, останатите во други градови.
Османи брифираше и за македонски транспортери заглавени на украинско-полската граница. Не им е дозволено со камионите да се вратат во земјава, бидејќи се натоварени со руски производи. Луѓето неколку дена спијат во возилата. Османи вели – руската инвазија во Украина го подигнал степенот на внимателност.
Санкциите кон Русија се целосно усогласени со оние на земјите од Унијата, рече Османи. Владата донесе одлука да го затвори воздушниот простор за прелети на руски авиони, но и да и донира на Украина помош. Се разгледуваат опциите и капацитетите за евентуален прием на бегалци.
Анита Д. Велковска
