Фински искуства како поддршка во креирање и спроведување на автентичен модел на образование
Денес беше организиран еднодневен вебинар на кој беа споделени фински образовни искуства како поддршка на реформите во основното образование во нашата земја.

Согласно сите параметри и показатели кои го одредуваат нивото на квалитет, финскиот образовен модел е еден од најдобрите во глобални размери. Најрелевантен показател се постигнувањата на финските ученици на најпознатите и најпрестижни меѓународни тестирања и натпревари каде тие се секогаш меѓу прворангираните. Тоа е потврда за стекнатите знаења и вештини на финските ученици во тамошните училишта.
Северна Македонија како земја во развој има тенденција да ги следи глобалните образовни трендови, а благодарение на нововоспоставената билатерална соработка помеѓу двете земји, Министерството за образование и наука и другите институциите на системот во државава кои работат во оваа област, добиваат поддршка од финските.
Во таа насока, денес беше организиран и еднодневен вебинар на кој беа споделени фински образовни искуства како поддршка на реформите во основното образование во нашата земја. На вебинарот учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и раководителите на повеќе сектори во МОН, како и претставници од Бирото за развој на образованието, од Педагошката служба и од повеќе основни училишта во државата. Додека од другата страна, претставници беа финскиот амбасадор за Република Северна Македонија, н.е. Кимо Лахдевирта, советници во финската Национална агенција за образование, професори од финскиот универзитет за едукација на наставен кадар – Оулу, како и низа образовни експерти.
Повеќе теми беа предмет на дискусија, но фокусот најмногу беше ставен на градењето на мрежа на училишта кои континуирано ќе се заложуваат за подигнување на конкурентноста и со какви стимулативни мерки истите да бидат поддржани од надлежните институции на системот. Претставниците на Финска го споделија искуството околу подготовката на нивната национална стратегија.
