Македонија

За 5 месеци државата префрлила 170 милиони евра на ЕСМ

01.03.2022 14:02

Секојдневно се испорачуваат бараните количества струја кон универзалниот снабдувач ЕВН – Хоум, а „РЕК-Битола“ работи со два блока, додека третиот е надвор од мрежа и сè уште се работи на санирање на последиците од пожарот на трансформаторот, велат од АД-ЕСМ.

Снабдувањето со електрична енергија е стабилно и целосно се покрива со домашно производство. Секојдневно се испорачуваат бараните количества струја кон универзалниот снабдувач ЕВН – Хоум, а „РЕК-Битола“ работи со два блока, додека третиот е надвор од мрежа и сè уште се работи на санирање на последиците од пожарот на трансформаторот, велат од АД-ЕСМ.

„Што се однесува до капацитетот на ТЕЦ-Неготино успеавме после 12 години да се стави во функција. Од декември месец работи во континуитет. Правиме напори од овој месец, од март па натаму,некаде до мај, јуни да се стави во функција со двата котли и значително да го подобри производството,односно да се намали производствената цена на електричната енергија“, изјави генералниот директор на АД-ЕСМ Васко Ковачевски.

Термоцентралата Осломеј работи повремено во периоди кога ќе се обезбеди доволно јаглен, вели Ковачевски. Се увезува од Косово и од Албанија, а наскоро и од Грција, а продолжуваат испораките и од рудникот кај Берово.

Електроенергетскиот систем од јануари ја презема и струјата што ја произведува приватната комбинирана гасна централа ТЕ-ТО, која користејќи природен гас истовремено испорачувајќи и топлинска енергија за градот Скопје, по цени пониски од берзанските. За да се олесни товарот за граѓаните од буџетот се префрлаат средства за да може ЕСМ да набавува јаглен, мазут и природен гас, чија цена е енормно зголемена последниве месеци.

„Најмалку од сите потрошивме буџетски средства за справување со кризата. За само 5 месеци додека трае енергетската криза Владата досега има издвоено 170 милиони евра“, изјави Ковачевски.

За да се намалат трошоците и за да се влијае на цената, со одлука на Владата ЕСМ испорачува електрична енергија и за покривање на загубите на државната МЕПСО и на ЕВН-Дистрибуција, кои порано се набавува од увоз, вели Ковачевски.

Свето Николовски