Здравство

„Храбро срце“ сè уште чека ослободување од партиципација за здравствени услуги

01.03.2022 14:19

Пациентите со механичка потпора од Здружението „Храбро срце“ сè уште чекаат ослободување од партиципација за здравствените услуги. Велат тоа е ветување од пред 2 години, кое требаше да се исполни од почетокот на годинава. Од министерството за здравство велат запознаени се со иницијативата и се очекува да влезе во програма.

Пациентите со механичка поддршка на срце не добија ослободување од партиципација за здравствени услуги, иако на Здружението „Храбро срце“ им беше ветено дека тоа ќе се случи од 01-ви јануари годинава.

Се работи за околу 15 тина пациенти во земјава, со механичка потпора на срцето, кои бараат да бидат ослободени од партиципација.

„Не е голем трошок за буџетот на државата, односно не е ниту забележителен, бидејќи нашите прегледи не се толку чести. Во суштина поголемиот дел од средствата тие ги имаат предвидено бидејќи се работи за оној делот од партиципацијата. Ветено ни беше дека од 01.01.2022 година ќе отпочнат да го применуваат тоа“, вели Васко Јолески претседател на Националното здружение „Храбро срце“.

Трошоците за лекување на пациентите со механичка потпора на срце се превисоки, а поголемиот дел од пациентите, поради болеста се спречени редовно да одат на работа.

„Трошоците се преголеми дури и за оние кои се добро ситуирани, а во нашето здружение ниту еден не е така добро ситуиран да може да ги поднесе тие трошоци. Не сме многу пациенти на ниво на држава сме 15/16 пациенти“, додава Јолески.

Од министерството за здравство велат запознаени се со иницијативата за ослободување од партиципација на пациентите со механичка поддршка на срце и се очекува истата да влезе во програмата, но засега не се знае кога ќе се случи тоа.

 Соња Рилковска