Стабилна состојбата со Ковид во градинките
Стабилна е состојбата со коронавирусот во детските градини во Куманово. Во текот на февруари било регистрирано само едно дете заболено од ковид 19. Капацитетите на осумте објекти и едниот центар за ран детски развој, се речиси исполнети. Се работи согласно здравствените протоколи.

Во осумте објекти на кумановската градинка „Ангел Шајче“ е стабилна состојбата со ковид 19. Капацитеите на објектите во оваа воспитна установа се речиси преполни, a се работи согласно здравствените протоколи. Во моментов позитивни деца и воспитувачи нема. Во текот на февруари било регистрирано само едно дете заболено од коронавирусот.
„Во рамки на градинката имаме осум објекти, два центри за ран детски развој, 240 вработени тоа е бројка која не е за занемарување, меѓутоа од септември лани досега имаме околу 20 вработени, што во текот на овие месеци беа позитивни. Во соработка со Центарот за јавно здравје тие беа изолирани, а исто и нивните групи. На сите родители кои беа приморани да седат дома им издававме потврди дека нивното дете не може да поседува градинка бидејќи е во изолација“ -истакна директорката на кумановската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алексовска.
Кумановската градинка согласно здравствените протоколи во моментов ја посетуваат 760 деца, иако бројот на запишани е 1.394. На листата за чекање со вработени двајца родители и еден самохран родител се 119 деца. Поради немање интерес засега функционира само центарот за ран детски развој во населбата „Иго Тричковиќ“. Надлежните размислуваат вториот центар „Бамби“ времено да функционира како објект-градинка со целодневен престој.
Елена Георгиевска
