Зеленски до ЕУ: Докажете дека сте со нас
Се засилуваат борбите во Украина. Жестоки гранатирања во Харков. Украинските власти соопштуваат за цивилни жртви. Се продлабочува и бегалската криза. Зеленски со апел до Европската унија- докажете дека сте со нас...

Бомбардирани станбени згради, загинати и повредени. Се засилуваат борбите во Украина. Жестоки гранатирања во Харков, погоден е и главниот плоштад. Од Агенцијата на Обединетите нации велат дека 136 цивили се убиени, од кои 13 деца, а 400 се ранети, од почетокот на руската инвазија врз Украина. 253 лица загинале во самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск. Се стравува дека вистинската бројка e поголема.
„Минуваме низ многу тешко време. Денешниот ден покажа дека ова не е само војна, туку е и убиство. За прв пат во својата долга историја, градот Харков го доживеа ова, гранатите што погодија станбени згради убиваат и осакатуваат невини цивили“, изјави Ихор Терехов- градоначалник на Харков.
Конвој руски оклопни возила е пред влезот на главниот украински град. Се подготвуваат одбранбени објекти. Портпаролот на украинските воздухопловни сили вели дека руските трупи претрпеле огромни загуби.
„Империјата ќе биде казнета за злосторства против човештвото. Особено за куќите уништени денес во Бровари, Василков, Била Церква и Токмак, за гранатирањето на Харков, за училишта и градинки, за убивање и ранување на цивили“, изјави портпаролот на воздухопловните сили на Украина, потполковник Јуриј Игнат.
За пет дена од руската инвазија, Украина била погодена од 56 ракетни напади и 113 крстосувачки проектили. Од руското Министерство за одбрана и натаму тврдат дека цел на нападите е воената инфраструктура.
„Главната работа за нас е да ја заштитиме Руската Федерација од воената закана од западните земји кои се обидуваат да го искористат украинскиот народ во борбата против нашата земја. Дозволете ми да нагласам дека нападите се изведуваат само врз воени цели и исклучиво со високопрецизно оружје“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Откако Киев поднесе официјална кандидатура за членство во ЕУ, на вонредната пленарна седница на Европскиот парламент, Зеленски побара од Унијата да ја докаже заложбата за европска Украина. Европскиот парламет бара построги санкции кон Русија и покрај веќе воведените меѓу кои и ограничувања на увозот на руска нафта и гас во Унијата.
„Сакаме да бидеме еднаква членка во Европа, верувам дека покажуваме дека сме тоа, ЕУ ќе биде многу посилна со Украина, а Украина без ЕУ ќе биде осамена. Ја докажавме нашата сила, и дека во најмала рака сме исти како и вас, така што сега докажете дека сте со нас, дека нема да нѐ напуштите, докажете дека сте навистина европејци“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно, дипломати на ЕУ, САД и Велика Британија го бојкотираа говорот на рускиот министер за надворешни работи на форумот за човекови права на ОН. Лавров побара американското нуклеарно оружје во Европа да се врати дома.
„За нас е неприфатливо што сѐ уште има американско нуклеарно оружје на територијата на голем број европски земји, со што се прекршуваат основните одредби од договорот за неширење на нуклеарното оружје. Како одговорен член на меѓународната заедница, можам да ве уверам дека Русија ги презема сите неопходни мерки за да спречи појава на нуклеарно оружје и сродни технологии во Украина“, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Во моментов Русија се соочува со серија протести низ целата држава поради инвазјата на Украина, изолација од меѓународните финасиски пазари и пад на рубљата. Руската берза сѐ уште е затворена. Од Кремљ велат дека санкции од западот нема да го променат рускиот став за Украина.
Маријана Димовска
