Одмрзнати цени, замрзнати маржи

Бектеши: Нема место за паника, ниту ќе има ценовни шокови

01.03.2022 15:49

Од денеска одмрзнати цени, замрзнати маржи. Основните прехранбени производи веќе поскапеа, се жалат граѓаните. Министерот Бектеши вели, нема место за паника, ниту ќе има ценовни шокови, располагаме со доволно храна...

Цените на некои од основните прехранбените производи веќе поскапеа,се жалат граѓаните. Полиците за зејтин и брашно, но и останатите основни продукти, во дел од маркетите викендов останаа празни. Дел од граѓаните загрижени, набавуваат поголеми количини, дел не очекуваат поголем скок на цените.

Дел од маркетите сами ги повлекле производите за да ги вратат денеска, утврдиле од Државниот пазарен инспекторат. Сите тие трговци ќе бидат санкционирани, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Санкции ќе има и за оние кои нема да се придржуваат на новата одлука на Владата. Министерот уверува дека нема место за паника, ниту ќе има ценовни шокови, располагаме со доволно производи и стоковни резерви.

Според Бектеши, анализите покажуваат дека Руско- украинскиот конфликт директно не би влијаел врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската размена.

Со владината одлука донесена во минатата недела, се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 насто на продажбата во трговијата на големо, односно до 10 насто во продажбата на основните прехранбени производи во трговијата на мало.

Цените на основните прехранбени производи беа замрзнати на 5-ти декември минатата година со цената што ја имале 5 дена предходно. Од денеска има ограничени маржи наместо замрзнати цени.

Ана Јосифоска Тодоровска