Пилот мерка за субвенционирање на земјоделството
Во програмата за директно субвенционирање на земјоделството за годишнава е предвидено усогласување со политиките на Европска Унија. Според министерството, како пилот мерка за овоштарството, ќе се воведе однапред, односно авансна исплата на дел од субвенцијата за што е потребно и менување на домашната законска регулатива.

За секторот овоштарство во програмата за оваа година се предвидува линеарна субвенција и авансна исплата на субвенциите. Мерката е во согласност со заедничката земјоделска политика на европската унија за исплата на иста сума за сите, за обработлива земјоделска површина независно од културата.
Новината е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во текот на годинава, во периодот од септември до декември 2022-ра. Сите производители на овошје авансно ќе добијат по 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција, а другиот дел ќе се плаќа наредната година како и досега.
На пример, ако за еден хектар јаболков насад вкупната поддршка е 50.000 денари, 12.000 денари ќе бидат платени однапред до крајот на оваа, а до месец мај следната година ќе пристигнат другите 38.000 денари. Со овој модел овоштарите субвенциите ќе ги добијат со две исплати.
Ваквиот начин на субвенции е предвидено следната 2023-та да се воведе и за другите мерки по површина, во полјоделството, градинарството и лозарството. За да успее реализација на новиот модел ќе се менува и Законската регулатива, за Платежната Агенција да може однапред да врши 30 проценти плаќање пред да завршат административните и контролите на терен.
Методија Трајков
