Се вжештува војната во Украина
Дестици загинати цивили, стотици ранети. Харков гранатиран, Киев под ракетен оган. Се вжештува војната во Украина. Нападнат и воено-медицински центар. САД го убедува Зеленски дека има постојана помош, Путин не знае што го чека-вели Бајден.
Руските и украинските сили од ноќеска водат борби во Харков и Херсон. Во Харков веќе слетале и руски падобранци. Од украинското МВР велат дека нема области кои не се погодени од гранати. Нападнат е и воено-медицински центар. Од руското министерство за одбрана потврдуваат дека презеле контрола врз Херсон кој се наоѓа на југот на земјата во близина на полуостровот Крим.
„Вооружените сили на руската федерација продолжија со удари врз воената инфраструктура на Украина. Со високопрецизно оружје во градот Киев беа погодени технолошките капацитети на службата за безбедност на Украина. Единиците воспоставија контрола врз населбите Токмак и Василиевка. Под целосна контрола е и регионалниот центар Херсон. Градот нема недостиг од храна и основни добра“, изјави портпаролот на министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков.
Во серијата експлозии на територијата на Киев синоќа беше погоден споменикот на холокаустот Бабин Јар. Загинати и повредени во напад на телевизиска кула, соопшти државната служба за вонредни состојби. Уништен е и конзулатот на Словенија во ракетен напад на руските сили на плоштадот слобода. И најголемиот рудник за јаглен во градот Доњецк беше гранатиран. Над 30 рудари останаа под земја.
„Седми ден од оваа страшна војна. Војна која сите ја чувствуваме исто. Синоќа сите бевме бомбардирани во Киев и Бабин Јар. По втор пат убивате жртви на холокаустот! Ова е надвор од човечноста. За ова време ја обединивме Европа. Ги обединивме земјите од европската унија, веќе на ново ниво, повисоко од формалното. Украинци, помина уште една ноќ во војна“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Во телефонски разговор американскиот претседател Бајден со украинскиот колега Зеленски, ја нагласил постојаната помош на сад за Украина вклучително и тековните испораки на безбедносна помош, економска поддршка и хуманитарна помош, објави белата куќа. Во своето прво годишно обраќање, шефот на белата куќа истакна дека Украина ќе добие финансиска помош од една милијарда долари, а Русија допрва ќе плати за агресијата.
„Заедно со нашите сојузници им даваме поддршка на украинците во нивната борба за слобода. Воена помош, економска помош, хуманитарна помош. Даваме повеќе од милијарда долари директна помош за Украина и ќе продолжиме да му помагаме на украинскиот народ додека ја брани својата земја и помага во олеснување на нивното страдање“, изјави претседателот на САД Џо Бајден.
Меѓународната заедница со осуда за континуираните напади врз цели во Украина. ЕУ одобри да исклучи седум руски банки од платежниот систем СФИВТ. Вчера европратениците во огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да ѝ се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина. Резолуцијата е донесена со само 13 гласа против и 26 воздржани, додека 637 гласаа за. За утре е закажана итна седница со која би требало да започне меѓународна истрага за кршењето на човековите права во Украина. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повторно апелираше до рускиот претседател Путин да ја прекине воената акција во Украина. Во петок северноатлантската алијанса во Брисел ќе одржи итен состанок за случувањата во Украина.
Маријана Димовска
