Воен конфликт

Седми ден руска инвазија на Украина, борби во неколку градови

02.03.2022 13:19

Се засилуваат руските напада врз украинските градови во јужниуот дел на државата. Расте бројот на загинати и повредени цивили. Ако се случи трета светска војна би била нуклеарна и деструктивна- одговори Москва на острата реторика на Бајден. Лавров тврди – воената операција има за цел разоружување на Украина. Изрази подготвеност за втора рунда преговори...

Руските напади врз украинските градови продолжуваат. Од ноќеска се водат борби во Харков и Керсон кој се наоѓа во близина на полуостровот Крим. Опколен е Мариупол. Ноќеска е ракетиран градот Житомир. Има податоци за загинати и повредени цивили.

„Вооружените сили на Руската Федерација продолжија со удари врз воената инфраструктура на украина. Со високопрецизно оружје во градот Киев беа погодени технолошките капацитети на службата за безбедност на Украина. Единиците воспоставија контрола врз населбите Токмак и Василиевка. Под целосна контрола е и регионалниот центар Керсон“, изјави Игор Конашенков- портпарол на Министерството за одбрана на Русија.  

Во серијата експлозии на територијата на Киев синоќа беше погоден споменикот на холокаустот во Бабин Јар. Загинати и повредени во напад на телевизиска кула. Уништен е и конзулатот на Словенија при ракетен напад на плоштадот слобода. Украинските власти соопштија дека е разбиена елитна група чеченски борци кои планирале да го убијат претседателот Зеленски.

Седми ден од оваа страшна војна. Војна која сите ја чувствуваме исто. Синоќа сите бевме бомбардирани во Киев и Бабин Јар. По втор пат убивате жртви на холокаустот! Ова е надвор од човечноста. За ова време ја обединивме Европа. Украинци, помина уште една ноќ во војна“, изјави украинскиот претседател Влодомир Зеленски.

Oбвинителството на меѓународниот кривичен суд во Хаг најави отворање на истрага за можни воени злосторства и натаму пристига осуда од меѓународната заедница за руската агресија.

Во своето прво годишно обраќање, шефот на Белата куќа, Бајден се закани дека рускиот претседател Путин и руските олигарси ќе одговараат за своите злодела, а нечесно стекнатото богатство ќе им биде запленето.

„Путин греши, ние сме подготвени и направивме коалиција, и заедно со ЕУ, Велика Британија и други земји како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд па и Швајцарија, воведовме жестоки санкции. Со нашите сојузници им даваме поддршка на украинците во нивната борба за слобода. Ќе продолжиме да му помагаме на украинскиот народ додека ја брани својата земја“, нагласи американскиот претседател Бајден.

Во петок северноатлантаката алијаса во Брисел ќе одржи итен состанок за случувањата во Украина.

 

Маријана Димовска