Воен конфликт

Се прават обиди да се извлечат сите нашинци од Украина

02.03.2022 14:59

Македонските членови на набљудувачката мисија на ОБСЕ и нивните семејства ја напуштаат Украина. Се прават обиди да се извлечат сите нашинци, обезбеден коридор, но сите немаат можност да стигнат до него, велат од Министерството за надворешни работи...

Македонските членови на набљудувачката мисија на ОБСЕ и нивните семејства ја напуштаат Украина. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи информираше дека преку партнерски земји се прават обиди да се извлечат сите нашинци коишто се заглавени. Зелен коридор е обезбеден ама не сите се во можност да стигнат до него.

„Тие не можат да стигнат до местото каде што тргнува тој безбеден коридор поради различни причини, безбедносни пред сѐ, немаат ниту гориво. Остануваме во комуникација за да се создадат коридори кои се блиску до нивното место на наоѓање“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Антонио Стојанов со неговото семејство, заедно со уште еден автомобил со Македонци, сами безбедно се евакуирале од Украина и веќе се надвор од нејзините граници. Тој за Македонската телевизија вели дека од нашето Министерство за надворешни работи побарале зелен коридор за брз премин преку граница, но она што им било ветено, вели не било исполнето.

„Има ограничување по човек колку гориво може да се земе. Ние се евакуиравме преку градчето Бела Црква во правец преку границата од Молдавија. На секои 15, 20 минути имаше барикади. Од една страна барикадите се добра работа, но од друга го отежнуваат транспртот. Таму нема полициајци, таму се организирани обични луѓе, по селата по градовите што живеат. Вчера ми се јави еден човек од МНР, прашуваше колку сме и како може да ни помогнат. Им реков дека е потребен зелен коридор. Рекоа дека ќе не побараат повторно, но никој ниту се јави ниту не побараа“, изјави Стојанов за МТВ.

Стојанов вели- состојбата во Украина е хаотична, исто е и на граничните премини. Таму се наоѓа и македонецот Сашо Андонов со семејството. Тој ни кажа дека бил контактиран од Министерството за надворешни работи, но според него, тоа се случило доцна зашто коридорот им бил многу далеку.

 

Марија Котовска