Ќе растат цените на услугите на автобуските превозници
Цените на автобускиот превоз поради енергетската криза веќе започнаа да растат. Дел од компаниите веќе го направија тоа и ги поскапеа услугите за петнаесет до дваесет насто, а прашање на денови е кога истото ќе го направат и останатите. Сегашните цени можат да останат само доколку државата го намали својот удел во акцизата во спротивно неизбежно е поскапувањето, велат од автотранспортните претпријатија.

Сите автобуски превозници со нетрпение очекуваа да стивне коронакризата за да можат нормално да функционираат. И кога тоа веќе започна да се случува тие повторно се соочија како што велат со нови предизвици поради поскапувањето на нафтата, струјата, зголемувањето на минималната плата но и други трошоци кои негативно влијаат врз нивното работење.
„Покрај нафтата прво многу се зголемени трошоците на резервните делови најмногу заради големиот скок од 1 000 до 1 500 посто на транспортот од Кина. Исто така заради тоа има големо зголемување на цената на гумите, моторното масло е некаков вид дериват исто како нафтата и тоа бележи голем раст од некои 20-30 проценти“, вели генералниот директор на авто-транспортно претпријатие Димитар Василески.
Поради сето тоа дел од превозниците веќе ги зголемија цените за меѓуградски и меѓународен сообраќај, а прашање на денови е кога тоа ќе го направат и тие што сè уште возат по стари цени.
„Во зависност од релацијата на која возат за некои 10 до 25 посто. Нашите анализи кажуваат дека некои 15 до 20 посто ќе биде неизбежно поскапување ако продолжи овој тренд“, изјави Василески.
За да се задржат постојните цени како што вели Василески владата треба да донесе мерка со која за автобуските превозници ќе се намали акцизата од делот кој го зафаќа државата.
Сашо Нелоски
