ВМРО-ДПМНЕ го поддржува територијалниот интегритет на Украина
Мицкоски смета дека власта прави поделбите за да го одврати народот од помислата дека живее во сиромаштија, со поскапени производи и високи цени на струјата и горивата...

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е поддршка за мирот во Украина и на територијалниот интегритет на земјата. Ова го соопшти партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој ја обвини власт дека се однесува неодговорно, етикетирајќи огромен дел од народот како проруски. Според Мицкоски, ваквите изјави внесуваат раздор во ионака поделеното општество, а нашиот народ е промакедонски.
„Најдоа уште една тема да го разделат Македонецот и сето ова од истите тие кои треба да демонстрираат беспоговорно обединување. Но и што да очекуваме од луѓето кои не се надминаа себеси да се обединиме околу постигнување на консензус за прашањето со Бугарија, а не пак за Украина каде на креирањето на поделби гледаат како на редовна операција со која се гордеат“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски смета дека власта прави поделбите за да го одврати народот од помислата дека живее во сиромаштија, со поскапени производи и високи цени на струјата и горивата.
„Денеска македонскиот народ е посвесен од било кога и пообединет од било кога и си го гледа својот македонски, промакедонски, слободарски интерес и интересот на Македонија како суверена независна држава. Нема веќе поделби и не прифаќаме било какви поделби“, рече Мицкоски.
Промовирајќи го новиот патриотизам Мицкоски рече дека е време за обединување, а не за партиските поделби за да се одговори на вистинските потреби на народот.
Анита Д. Велковска
