Продолжуваат борбите во Украина
Една недела руска инвазија врз Украина. Нападите се интензивираат, продолжуваат борбите во Керсон, Харков, Киев. Зеленски пркоси – не можете да ни ја преземете државата со бомби. Москва ги смета за непријателски сите земји кои воведоа санкции. Русија и Украина на нова рунда преговори.

Седми ден од руските напади врз украинските градови. Се интензивираат борбите во Харков и Керсон кој во близина на полуостровот Крим. Погоден е и градскиот совет на Харков, а уништен е и дел од зградата на полиција, опколен е Мариупол. Ракетиран е и Житомир. Има податоци за загинати и повредени цивили.
„Уличните борби продолжуваат, и покрај бројните обиди за информативна борба од страна на непријателот и извештаите дека Керсон паднал и така натаму – тоа не е точно“, изјави советникот на шефот на кабинетот на претседателот на Украина Олексиј Арестович.
„Ја изгубив сопругата. Таа беше светлината на мојот живот“, рече жител на Житомир.
Премиерот Шмихал изјави дека украинската војска лавовски се бори.
„Непријателот се исцрпува, а во некои области е принуден тактички да се повлече. Истовремено, десетици илјади резервисти се приклучуваат на нашата армија“, рече Денис Шмихал премиерот на Украина.
Москва порача дека ќе ги смета за непријателски сите земји кои и воведоа санкции.
„Нивото на поддршка за претседателот и неговите одлуки и постапки е многу високо. Свесни сме за тоа. Ја видовме реакцијата на нашите парламентарци, уште пред да бидат признаени народните републики Доњецк и Луганск. Нивото на поддршка за претседателот е високо. Тоа ни дава сила“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Вооружените сили на руската федерација продолжија со удари врз воената инфраструктура на Украина. Со високопрецизно оружје во градот Киев беа погодени технолошките капацитети на службата за безбедност на Украина“, изјави портпаролот на министерството на за одбрана на Русија Игор Конашенков.
И двете страни велат дека се подготвени за мировни преговори.
„Нашата делегација ќе биде подготвена да ја продолжи дискусијата“, рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Подготвени сме за разговори, за дипломатија. Но, воопшто не сме подготвени да прифатиме какви било руски ултиматуми“, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.
Американскиот претседател Бајден рече дека руската економија доживува потреси од санкциите.
„Со нашите сојузници им даваме поддршка на украинците во нивната борба за слобода. Ќе продолжиме да му помагаме на украинскиот народ додека ја брани својата земја“, изјави претседателот на САД Џо Бајден.
Во петок Северноатлантската алијанса во Брисел ќе одржи итен состанок за случувањата во Украина.
Марина Ристова
