Економија

Нов предизвик пред автомобилските компании во слободните зони

02.03.2022 16:18

Војната во Украина предизвика времено затворање на дел од фабриките на најголемите автомобилските компании лоцирани во Украина, но и во ЕУ, што неминовно влијае врз обемот на работа на странските компании од автомобилскиот сектор лоцирани во ТИРЗ-овите.

Наместо планиран раст од 8 насто годинава, автомобилските компании во земјава пред нов предизвик. Војната во Украина предизвика времено затворање на дел од фабриките на најголемите автомобилските компании лоцирани во Украина, но и во ЕУ, што неминовно влијае врз обемот на работа на странските компании од автомобилскиот сектор лоцирани во ТИРЗ-овите.

„Од логистичка гледна точка да влезат или излезат репроматеријали од таму е речиси невозможно. И заради тоа компаниите, во моментот имаме најави од клиенти затвораат на некој период од 1 до 2 недели. Колку тоа долго ќе трае диретно ќе влијае од она што ќе се случува во Украина, но истовремено треба да се видат и другите потенцијални влијанија. Цената на енергенсите се зголемува, инфлацијата сакале или нејќеле ќе трае подолго отколку што беше планирано“, изјави Виктор Мизо, претседател на Асоцијација на странски компании со напредно технолошко производство.

Врз побарувачката на автомобилски компоненти ќе влијае и фактот дека украинскиот и рускиот пазар годишно побаруваат 1,5 милион нови возила, што сега е доведено во прашање и тоа ќе влијае врз големината на нарачките за фабриките за автоделови лоцирани во земјава.

„Очекувам дека ризиците ќе имаат свои негативни последици, меѓутоа повторно на крајот на годината, заради фактот што дел од новите капацитети што почнаа со градба минатата година ќе почнат со производство во оваа година. Во обем повторно ќе имаме раст, не само на извозот туку и раст на бројот на работни места и на платите, што секако ќе придонесе дел од овие ризици од негативните последици за кои секако немаме влијание, да се намалат“, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ.

Во иднина динамиката на финансиска поддршка на странските инвестиции ќе зависи и од нивото на приходи кон државниот буџет, како и од бројот на вработувања, но и од висината на платите, вели Деспотовски. Истотака ќе се применува регионален пристап, односно зајакната поддршка на инвестиции лоцирани надвор од главниот град, а се очекува и зголемување на помошта за обука и тренинг на потребниот кадар.

 

Свето Николовски