Земјоделство

Пченица и брашно ќе има доволно

03.03.2022 07:50

Пченица и брашно ќе има доволно, велат од мелничко пекарската индустрија. Залихите се за 30 до 45 дена, а компаниите секогаш се во состојба да набават дополнителни количества за потребите на индустријата и за населението. Сепак, цената на пченицата за идната жетва ќе се формира согласно пазарните услови и движењето на понудата и побарувачката во регионот за времето на собирањето на родот, велат мелничарите.

Граѓаните да не стравуваат, затоа што стопанствениците ќе обезбедат доволно пченица и брашно и за индустријата и за населението, велат од Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора. Компаниите имаат складирано залихи за 30 до 45 дена.

Цената на пченицата за идната жетва сепак, ќе зависи од пазарните услови и понудата и побарувачката во соседството и во регионот за времето на собирањето на родот, односно во Србија, Унгарија, Романија и во Бугарија од каде што најчесто и се набавува.

Одлуката за ограничување на маржата е за заштита на граѓаните, но и да се зачува и домашното производство, за да не дојде до затворање на домашните мелници и пекарници.

Цената на пченицата на светските берзи е зголемена за 24 проценти поради изјавата на Кина дека ги симнува сите бариери за увоз од Русија и издавањето наредба за зголемување на нејзините залихи. Втората причина е дека Црноморската продажба не функционира со што се создава паника кај купувачите во светот. Во Србија, цената на пченицата за една недела е зголемена за 14 насто. Овие услови и движења, според мелничарите, ако останат и понатаму, ќе предизвикаат нови нагорни ценовни корекции секаде во светот, па и кај нас.

Методија Трајков