Воен конфликт

Русија ги интензивира нападите врз Украина

03.03.2022 09:46

Жестоки борби на улиците во Украина. Градот Херсон е под руска контрола. Зеленски преку видеопорака ги повика украинците да продолжат со отпорот. Втора рунда преговори помеѓу Москва и Киев на полско-белоруската граница. Во фокусот прекинот на огнот …

И натаму жестоки борби на улиците во Украина. Загинати и повредени во Киев. Силна експлозија синоќа одекна во близина на централната железничка станица во престолнината. Жртви и во вториот по големина украински град Харков. Локалните медиуми известија за напад на училиште со оштетен вид. Властите во украинскиот град Мариупол велат дека стотици луѓе загинале во гранатирањето. Москва тврди дека нејзините сили напредуваат кон стратешките цели.

„За жителите на Мариупол ова се најтешките денови беше најтешкиот ден најкомплицираниот ден и најсуровиот ден од сите седум дена од војната. Русите сакаат да не уништат сите. Критичната инфраструктура е повторно оштетена. Повторно сме без вода“, изјави Вадим Бојченко-градоначалник на Мариупол.

Можностите за прекин на огнот се на дневен ред на новите руско-украински разговори. Преговорите се во Брест недалеку од границата со Полска.

„Нашата армија прави се за целосно да го разбие непријателот. Речиси 9.000 Руси се убиени за една недела. Одете дома. Со целата своја војска. Кажете им на вашите офицери дека сакате да живеете. Дека не сакате да умрете, туку да живеете. Треба да ја запреме војната и да го вратиме мирот што е можно поскоро“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Францускиот претседател Макрон ги осуди „лагите што ги шири руската влада за да ја оправда инвазијата на Украина“, но кажа дека ќе остане во контакт со Путин со цел да се постигне и одржи примирје.

„Путин самиот избра војна, предавајќи ги меѓународните обврски една по друга. Оваа војна не е конфликт помеѓу западот и Русија, како што некои веруваат. Нема бази на НАТО во Украина. Тоа се лаги. Нема никаква агресија врз Русија, таа е агресорот“, нагласи францускиот претседател Макрон.

Генералното собрание на Обединетите нации синоќа усвои резолуција со која се осудува руската инвазија на Украина и се повикува Москва веднаш да ги повлече воените сили. Русија, Белорусија, Сирија, Еритреја и Северна Кореја гласаа против. 35 држави беа воздржани.

„Ја потврдивме повелбата на ОН. Ветивме дека ќе се справиме со ужасните кршења на човековите права и хуманитарната криза во Украина и застанавме заедно во битката за душата на светот. Во Обединетите нации светлината победи над темнината. 141 држава гласаше за поддршка на овој амандман“, рече Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.

Ескалацијата на кризата меѓу Русија и Украина ги зголеми стравувањата од недостиг на снабдување со гас во Европа. Цената го достигна највисокото ниво. Зголемувањето на цените следи по санкциите кон Русија од страна на голем број западни држави.

Маријана Димовска