Туризам

ХОТАМ бара помош од државата

03.03.2022 11:32

Хотелско угостителскиот сектор бара помош од Владата. Велат, сметките за електрична енергија им се зголемиле за 50% до 100%. Немоќни се да се справат со инфлацијата, минималната плата и недела неработен ден. Дополнително воената криза во Украина предизвика откажување на резервациите од полските тур-оператори...

Поскапувањето на електричната енергија сериозен удар врз хотелско угостителскиот сектор. Од хотелската асоцијација ХОТАМ велат во јануари добиле за 50 до 100% повисоки сметки за струја. Голем број хотели не се во состојба да ги подмират, а има хотелиери кои одлучиле да стават клуч на врата.

Туристичкиот сектор е во неможност да се справи со инфлацијата, зголемувањето на минималната плата и недела неработен ден, велат од хотелската асоцијација.

„Бевме затекнати со такво поскапување каде што никој во бизнис план не очекува поскапување од 50 или 100%. Со откажувањето на договорите и праќање на нови берзански цени, кои требаше да ги плаќаат дел од хотелиерите беше многу отежната работата едвај собираа пари за да ги платат тие сметки“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Воената криза во Украина дополнително предизвика откажување на резервации од полските тур-оператори. После тешката економска криза од пандемијата, тоа е голем удар врз туризмот.

„Со развојот на ситуацијата во Украина имаме доста откажувања на полски групи и полските гости. Продажбата во Холандија не е на најдобро ниво Да, има продажба очекуваме дека ќе почнат да летаат авионите, но не на посакуваното ниво“, додава Блажески.

ХОТАМ од октомври бара финансиска помош од државата, но до денес не добиле нов пакет економски мерки.

Соња Рилковска