Култура

„Лучија од Ламермур“ на сцената на Националната опера и балет

03.03.2022 11:58

Станува збор за трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го пишува либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“...

Една од водечките белканто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ ќе биде поставена на сцената на Националната опера и балет на 12-ти март. Станува збор за трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го пишува либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“.

Операта премиерно е изведена во 1835 година во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска.

Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.

Диригент е Иван Еминовиќ. Настапуваат Наде Талевска, Ристе Велков,  Благој Нацоски, Никола Стојчески, Алесандро Абис (Италија), Соња Пендовска Мадевска, Дејан Стоев.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.