Македонија

Украинската криза нема да го забави евроинтегративниот процес

03.03.2022 12:40

Агресијата во Украина нема да го забави евроинтегративниот процес туку ќе го зајакне, уверуваат евроамбасадорите во земјава. Велат дека барањето на Украина за брз прием во Унијата не е приоритет, туку почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.

ЕУ има стратешка цел да ја види Северна Македонија во ЕУ. Агресијата врз Украина само ја зајакна важноста на евроинтеграцијата за безбедноста во регионот, порачаа европските дипломати Гир и Бонгартнер

Кризата во Украина нема да го забави евроинтегративниот процес на Северна Македонија и Албанија, велат европските амбасадори. Очекуваат што е можно побрзо да се отворат преговорите и внимателно се следи засилениот директен дијалог меѓу Скопје и Софија за отстранување на ветото за преговори.

По агресијата, Украина е поблизу до ЕУ, но барањето на Киев за брз прием во Унијата, не е приоритет на Брисел, туку изолација на агресорот. ЕУ за првпат во историјата купила и испорачала оружје за Украина, испорачува хуманитарна помош и се подготвува за прифаќање на бегалци од Украина.

Ирина Гелевска