Украина

Продолжуваат битките во неколку градови

03.03.2022 12:48

Осми ден руска инвазија врз Украина. Интензивирани се нападите. Градот Херсон е под руска контрола. Зеленски преку видео порака ги повика украинците да продолжат со отпорот. Втора рунда преговори меѓу Москва и Киев на Полско- белоруската граница. Во фокусот- прекинот на огнот. Еден милион луѓе веќе избегале од Украина...

И натаму жестоки борби на улиците во Украина. Загинати и повредени во Киев. Силна експлозија синоќа одекна во близина на централната железничка станица во престолнината. Жртви и во вториот по големина украински град Харков. Властите во украинскиот град Мариупол велат дека стотици луѓе загинале во гранатирањето.

„За жителите на Мариупол ова се најтешките денови. Русите сакаат да нѐ уништат сите. Критичната инфраструктура е повторно оштетена. Повторно сме без вода“, изјави Вадим Бојченко, градоначалник на Мариупол.

Москва тврди дека нејзините сили напредуваат кон стратешките цели.

„За време на операцијата беа погодени 1.612 воени локации, вклучувајќи 62 командни и комуникациски пунктови на украинската армија“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.

Според претседателот Зеленски одбранбените линии на Украина се задржуваат, но без прекин руските сили ги гранатираат градовите.

„Речиси 9.000 Руси се убиени за една недела. Одете дома. Со целата своја војска. Кажете им на вашите офицери дека сакате да живеете. Треба да ја запреме војната и да го вратиме мирот што е можно поскоро“, изјави Володимир Зеленски- претседател на Украина.

Можностите за прекин на огнот во Украина на дневен ред на новите руско- украински разговори во Брест на полско-белоруската граница.

„Руската делегација чека. Поради сложената логистика на украинската страна, која се собира во Полска, а потоа се пресели во регионот Брест во белорусија, беше договорено во 15 часот. Мислам дека преговорите ќе почнат во 15“, вели Владимир Медински - шеф на руската делегација за разговори со Украина.

Еден милион луѓе ja напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија, велаат од комесаријатот за ООН за бегалци.

„Чувствувам како да сум на безбедно место. Уморен сум бидејќи 24 часа не спиев и ми беше тешко да ја преминам границата“, вели еден украински бегалец.

Во Брисел состанок на министрите за правда и внатрешни работи. Блокот се подготвува за милиони бегалци во Европската унија. Комисијата на ЕУ веќе вети најмалку 500 милиони евра хуманитарна помош.

„Мораме да се подготвиме за милиони бегалци. Речиси еден милион веќе се тука. Треба да имаме соодветно законодавство за заштита и насоки како да се справиме со различните ситуации што се случуваат на границата“, изјави Илва Јохансон- еврокомесар за внатрешни работи.

Европската унија ќе преземе дополнителни чекори против Русија доколку ситуацијата во Украина се влоши, најави денеска претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Ескалацијата на кризата меѓу Русија и Украина ги зголеми стравувањата од недостиг на снабдување со гас во Европа. Цената го достигна највисокото ниво. Зголемувањето на цените следи по санкциите кон Русија од страна на голем број западни држави.

 

Маријана Димовска