Охрид

Мора да се отстранат загадувачите на Охридското Езеро

03.03.2022 12:57

Ако се земе предвид севкупната слика на извештајот за квалитетот на водата во Охридското Езеро за минатата година таа може слободно да се користи како вода за пиење велат од охридскиот Центар за јавно здравје. Сепак има црни точки пред сè онаму каде што се влеваат реките и на местата долж езерото каде што нема колекторски систем а путексите се неисправни и се испуштаат фекални материи во езерото.

Годишниот извештај на Центарот за јавно здравје од Охрид покажува дека лани со некои исклучоци водата во Охридското Езеро долж крајбрежјето била микробиолошки одлична и хемиски од прва класа. Тоа според експертите е резултат на способноста на езерото за самопрочистување но и повторното активирање и нормално функционирање на колекторскиот систем

„Колекторскиот систем не го загадува езерото повеќе, пумпите постојано работат, не се исклучуваат ни во врнежливо време, единствено ако настане дефект на некоја пумпа, тоа е друга приказна. Порано „Андон Дуков“ беше преплавен со фекални материи, затоа што пумпите кога ќе врнеше дожд од колекторскиот систем се исклучуваа“, изјави д-р Лидија Симоноска од Центарот за јавно здравје во Охрид.

Тоа е светлата страна на извештајот но она што загрижува се реките коишто се влеваат во езерото, а во кои дел од граѓаните ги приклучиле цевките за отпадни води. Исто така езерото го загадуваат неисправните путекси на некои од туристичките објекти и канализациски системи долж брегот каде што нема колекторски систем.

„Значи најголем загадувач на Охридското Езеро е путексот од Свети Наум. Нема комплетен третман на фекалните материи, нема филтри и нема хлорирање, така издробени тие се влеваат во трската“, заклучува Симоноска.

Симоноска вели дека добро соработуваат со инспекциските служби а како резултат на тоа било отстранувањето на дивите приклучоци на објекти кои испуштаа фекални води преку цевката за дождовница во непосредна близина на Студенчишкиот канал.

Сашо Нелоски