Кочани

„Пејпер Мил“ го запре производството, во сабота протест против загадувачите во Кочани

03.03.2022 13:25

Запре производството во кочански „Пејпер мил“ заради инсталирање на современа технологија. Оваа компанија според екологистите е најголем загадувач на воздухот во Кочани, заради што е покренат судски спор кој сè уште нема епилог. Во сабота во Кочани ќе има протест против загадувачите на животната средина.

Фабриката за хартија „Пејпер Мил“ во Кочани целосно го прекина производството до крајот на март заради реконструкција на инсталациите за енергетска ефикасност. Од управата информираат дека се работи за планиран зафат. Прекинот на производството се одрази врз квалитетот на воздухот во Кочани, кој денес не е загаден. Компанијата „Пејпер мил“ според Граѓанскиот одбор за заштита на животната средина е најголем загадувач на воздухот во Кочани, за што тие покренаа судски спор пред неколку години, но не се задоволни од ажурноста на јавното обвинителство

Кочанчани очекуваат во најкраток рок случајот да добие правна завршница. Во меѓувреме во сабота – петти март, во Кочани се планира голем граѓански собир против загадувањето на животната средина.
Инаку „Пејпер мил“ е единствената фабрика за рециклирање на хартија во државата со капацитет од 15 илјади тони годишно. Во јуни минатата година беше инсталиран специјален филтер во фабричкиот оџак за да се намали аерозагадувањето, но и покрај тоа загаденоста на воздухот во Кочани, посебно во зимскиот период има високи вредности. Годинава „Пејпер мил“ ќе вложи еден милион и 800 илјади евра во пречистителна станица за отпадните води од фабриката.

Славица Величковска